Кога ќе решат да се задолжат во банка, граѓаните изгледа дека најмногу сакаат тоа да го прават преку потрошувачки кредит. Кредитните картички, пак, полека како да излегуваат од мода, бидејќи се' повеќе се намалуваат сумите кои населението му ги должи на банкарскиот сектор по тој основ. Податоците на Народна банка на Македонија за мај годинава покажуваат дека македонското граѓанство дефинитивно ги преферира потрошувачките кредити одобрени во денари, кои во петтиот месец достигнале сума од дури 695 милиони евра, што за период од една година е пораст од 130 милиони евра. Значајно зголемување на овој тип на заеми има и ако се направи споредба со април, односно граѓаните за еден месец влегле во нов потрошувачки долг од 15 милиони евра.
Кога ќе решат да се задолжат во банка, граѓаните изгледа дека најмногу сакаат тоа да го прават преку потрошувачки кредит. Кредитните картички, пак, полека како да излегуваат од мода, бидејќи се' повеќе се намалуваат сумите кои населението му ги должи на банкарскиот сектор по тој основ.
Податоците на Народна банка на Македонија за мај годинава покажуваат дека македонското граѓанство дефинитивно ги преферира потрошувачките кредити одобрени во денари, кои во петтиот месец достигнале сума од дури 695 милиони евра, што за период од една година е пораст од 130 милиони евра. Значајно зголемување на овој тип на заеми има и ако се направи споредба со април, односно граѓаните за еден месец влегле во нов потрошувачки долг од 15 милиони евра.
Банките им ги одобруваат потрошувачките кредити на граѓаните главно без одредена намена, а поретко се случува тие да се доделуваат за конкретна потреба, на пример за набавка на бела техника, за туристички аранжмани, за образовни цели и слично.
Ако се набљудуваат податоците за вкупните кредити во денари одобрени на домаќинствата, кои во мај изнесувале 1,47 милијарди евра, се доаѓа до заклучок дека речиси половина од нив се потрошувачки кредити. Кај вкупните кредити за население пораст има за 175 милиони евра за една година, додека, пак, за еден месец тие се зголемиле за 25 милиони евра.
За да купат куќа или стан, пак, граѓаните најчесто немаат друга опција освен да се задолжат во банка, поради што и износот на одобрени станбени кредити постојано се зголемува. Односно, на крајот на мај граѓаните по основ на станбени кредити на банките им должеле вкупно 324 милиони евра, што во однос на мај минатата година е пораст за 40 милиони евра, додека, пак, за еден месец има скромен плус од околу 3 милиони евра.
Но, наспроти потрошувачките и станбените, автомобилските кредити постојано паѓаат. Бројот на продадени нови возила во земјава не престанува да се намалува, а изгледа дека и оние што купуваат нови коли се' помалку се одлучуваат тоа да го направат преку банкарски кредит. Или, ако во мај лани банките имале одобрено автомобилски кредити од нешто над 23 милиони евра, во мај годинава тие тежат само 14 милиони евра, или има намалување од близу десетина милиони евра.
И картичките не им се толку „омилени“ на граѓаните како порано. Тие во мај по основ на кредитни картички имале вкупен долг од 194 милиони евра, што иако не е некое особено намалување, односно за три милиони евра во однос на една година претходно, покажува дека овој тип на задолжување стагнира подолг период наназад.
Како една од причините за тоа може да се смета фактот што каматните стапки на кредитните картички се убедливо највисоки од сите кредити што се одобрени во земјава. Или конкретно, во мај годинава тие биле на ниво од 10,6 отсто годишно, наспроти 7,2 проценти колку што во тој месец изнесувала просечната каматна стапка на сите други одобрени заеми.
Во последниве години е забележителна и појава банките да одобруваат потрошувачки кредит со кој всушност клиентот „затвора“ неколку кредитни картички, по што тој има само една рата кон банката, наместо претходните месечни исплати за повеќе кредитни картички.
За разлика од картичките, сумите што населението ги должи по основ на минуси на тековна, постојано се зголемуваат, и покрај тоа што тие исто така имаат висока камата, односно таа во мај била 9,5 отсто на ниво на банкарски сектор. Во мај годинава граѓанството било заглавено во вкупен минус тежок 90 милиони евра, или околу седум милиони евра повеќе од една година претходно.